Жителите на улица „Финска“ во скопската населба Сингилиќ веќе пет месеци живеат во страв, изложени на секојдневни провокации и закани од свој сосед, додека институциите — и покрај бројните пријави — остануваат без конкретна реакција.
Според мештаните, проблемот трае со месеци, а нивните обиди да добијат заштита од надлежните служби се покажале залудни.
„Баравме помош од ‘Водовод и канализација’, Општина Гази Баба, Полициската станица Автокоманда, па дури и од премиерот Христијан Мицкоски. Но, од никого не добивме конкретен одговор“, велат огорчените жители, кои вчера излегоа на протест барајќи конечно решение.
Тие се надеваат дека нивниот најнов апел, упатен до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, конечно ќе донесе реакција и дека ќе биде издадена забрана за физичко приближување на проблематичниот сосед, пред да дојде до посериозен инцидент.
„Провокациите не престануваат, напротив – се засилуваат. Полицијата постојано интервенира, но ситуацијата останува иста. Не сакаме да станеме нов пример за трагедија поради доцнење на институциите, како што беше случајот во Велес“, предупреди една од жителките за време на протестот.
Друг граѓанин посочи дека со месеци се чувствува неподнослива миризба во дворовите и домовите, бидејќи фекалните води, наместо во канализација, се излеваат во околните површини. „Живееме во страв и под постојани закани. Секој ден е нова тензија, нова кавга, нов ризик од физички судир“, вели тој.
И покрај јасните докази и честите полициски интервенции, жителите тврдат дека ниту една институција досега не презела ефективна мерка. Затоа најавуваат дека, доколку ситуацијата продолжи, ќе бидат принудени да ги радикализираат своите активности.
„Бараме само мир и нормални услови за живот. Ако државата не нè заштити, ќе излеземе повторно на улица“, порачуваат граѓаните на Сингилиќ.
Жителите денеска се обидоа да стапат во контакт и со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, но не успеале да добијат одговор.






