Основниот суд во Битола одлучи да им одреди куќен притвор на двајца осомничени во истрагата за злоупотреби со јавни набавки во РЕК Битола, одбивајќи го предлогот на Основното јавно обвинителство за ефективен притвор.
Од Обвинителството веднаш реагираа на ваквата одлука, најавувајќи жалба до повисока инстанца. „Особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот поседува значителен имот во друга држава, сметаме дека куќниот притвор не е соодветна мерка“, соопштија од ОЈО Битола.
Истражниот предмет опфаќа осум физички и едно правно лице, меѓу кои и поранешниот директор на комбинатот и неколку раководители од Подружницата „Рудници“. Тие се сомничат дека во 2023 година сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
Според наодите на Управата за финансиска полиција, осомничените ги прекршиле правилата за економичност при јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во „Рудници“ – РЕК Битола. Тендерот, според обвинението, бил наместен за приватна компанија што станала единствен понудувач и склучила договор од кој прибавила противправна имотна корист од големи размери.
Дел од раководителите, заедно со службено лице, се товарат и за измама во службата, бидејќи потпишувале лажни извештаи за извршени работи кои воопшто не биле реализирани. На основа на тие документи, фирмата наплатила над 106 милиони денари со вклучен ДДВ.
Постапка е покрената и против сопственикот и управителот на фирмата, како и едно лице од компанијата, за злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.
Обвинителството најави дека истрагата продолжува со сослушување на сведоци и ангажирање на вештаци за потврдување на сомнежите за злоупотреби, фалсификувани извештаи и незаконски исплати.







