Министерката за енергетика, Сања Божиновска, денеска соопшти дека поради незаконско постапување при инвестирањето во фотоволтаични централи, првпат во земјава се активирани банкарски гаранции вредни вкупно 39.401.550 денари (околу 2,42 милиони евра).
Станува збор за компаниите ЕМК ДООЕЛ – Мали хидроелектрани – Скопје, Пуцкопетрол, СБН ЕНЕРГИ увоз-извоз ДОО Кичево и Сол груп 5 ДОО Скопје. Божиновска истакна дека правната служба заклучила дека овие фирми не ги исполниле обврските предвидени во договорите, поради што средствата од гаранциите се наплатени.
Во однос на новите енергетски капацитети, министерката информира дека е пристигната иницијатива за изградба на когенеративна гасна централа од 495 MW, како и повеќе барања за ветропаркови, фотонапонски електрани и интегрирани складишта со вкупна моќност од над 7.100 MW и 4.172 MW интегрирани батерии.
Божиновска нагласи дека важен приоритет е документацијата на инвеститорите да биде комплетна и да покажува доволно искуство за реализација на проектите. Прв октомври бил рокот за странските инвеститори да достават документација, која сега се обработува.
Таа исто така информира дека меѓународната компанија „Англо Американ“ поднела пет иницијативи за геолошки истражувања од 2019 година, но досега не добила одговор. Сега процесот се активира и институциите ќе се изјаснат по овие барања.






