Ај, на кафе! Без тоа во Македонија не се може. Не сме Англичани, но и чајот, особено во зима, се троши. Зачините, пак, стануваат сè поприсутни на нашите трпези. Ова се одлични адути за успех во секторот трговија со кафе, какао, чај и зачини, кој лани заеднички завртил 41,3 милиони евра приход, создал 2,1 милиони евра добивка и бил дом на 153 вработени, покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа.
Податоците покажуваат дека најуспешните компании во овој сектор работат со промет од најмалку еден милион евра. Најголем дел од компаниите се сместени во Скопје.
ИМА ГОЛЕМА РАЗЛИКА ВО ПРИХОДИТЕ ПО КОМПАНИИ
Во трката по приходи, АТЛАНТИЦ ГРАНД од Скопје го носи приматот со околу 13,8 милиони евра за 2024 година, пред охридската РЕНАРДАсо 11 милиони. Разликата меѓу првиот и вториот е околу 2,8 милиони евра – доволна за јасна предност, но не и непремостлив јаз.
На трето место е кралот на какаото, ЛЕАКОМ–МАРИСОН од Ќојлија, Петровец со 5,5 милиони евра промет, компанија што успева да го најде својот простор меѓу големите. Интересно е што првите три компании генерираат речиси три четвртини од вкупните приходи на листата, пазар во кој широката дистрибуција и силното портфолио се рецепт за голем волумен.
Под оваа компанија е ДЕВОЛЛИ ЦОРПОРАТИОН ДООЕЛ Скопје, чиј приход лани изнесувал 3,1 милион евра. Зад неа се фирми што оствариле промет од 1,7 милиони евра до 1 милион евра.








