Германската полиција наскоро ќе добие овластување да соборува потенцијално опасни дронови, како дел од новите законски амандмани за зајакнување на безбедноста, соопшти министерот за внатрешни работи, Александер Добринт.
„Соборувањето на дронови сега ќе биде регулирано и возможно за сојузната полиција“, рече Добринт по состанокот на владата на кој беше претставен предлог-законот.
Покрај тоа, ќе биде основан и „Центар за одбрана од дронови“, кој ќе го координира дејствувањето на сојузната полиција и полициите на германските покраини. Министерот потенцира дека Германија веќе води разговори со земји со поголемо искуство во оваа област, меѓу кои Израел и Украина.
Буџетот за оваа нова технологија ќе започнува од минимум 100 милиони евра, а опремата ќе зависи од производствените капацитети на компаниите што ќе ги испорачуваат. Новите овластувања се дел од напорите на Германија да се справи со современите закани и да ја заштити јавната безбедност од летечки уреди.






