Во тек е голема полициска акција во скопските населби Ѓорче Петров, Хром и Нерези, насочена против организирана мрежа за трговија со дрога.
Според неофицијални информации, инспектори од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ – МВР извршиле упади на повеќе локации со цел апсење на лица инволвирани во продажба и распространување на кокаин.
Првичните информации укажуваат дека станува збор за нова група што делувала на подрачјето на Скопје, што ја потврдува решителноста на актуелната администрација да ја исчисти земјата од уличниот и организираниот криминал.
Од надлежните се истакнува дека ваквите акции се спроведуваат без политички калкулации, нешто што според нив, во минатото било речиси невозможно. Целта е да се испрати јасна порака дека нема недопирливи, нема политички заштитени и нема место за уличен криминал под чадорот на партиска заштита.
Оваа операција е дел од новиот модел на владеење кој се фокусира на конкретни резултати и одлучност во борбата против криминалот, прикажувајќи дека државата е посилна од криминалните мрежи што со години ја загрозуваа.






