Американски шпионски авион над Калининград – растат тензиите со Русија
Американски извидувачки авион RC-135U Combat Sent, специјализиран за прибирање разузнавачки податоци за непријателски радарски системи, вчера бил забележан како кружи околу руската енклава Калининград, јавува Daily Mail.
Податоците од FlightRadar24 покажуваат дека леталото полетало од британската база Милденхол во раните утрински часови, прелетало над балтичките држави, направило круг околу Калининград — територија меѓу Полска и Литванија — и се вратило во Велика Британија.
Мисијата се случила ден по изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ја обвини Русија дека води „хибридна војна“ против Германија, откако неидентификувани дронови го парализираа аеродромот во Минхен и оставија над 10.000 патници заглавени.
Од Кремљ ги отфрлија обвинувањата, велејќи дека европските политичари „неосновано ја обвинуваат Русија за сè“.
Американското воено воздухопловство наведува дека RC-135U е авион кој собира електронски разузнавачки податоци за највисоките воени и политички структури во Вашингтон. Опремен е со системи за дополна на гориво во воздух и има практично неограничен дострел, а екипажот брои повеќе од десет офицери за електронско војување.
Не е познато која била целта на летот, но според податоците, истиот авион бил забележан над Калининград и на 2 октомври, истовремено со инцидентите со дронови во Германија.







