Владата на Велика Британија соопшти дека вложува максимални напори да спречи британските компании да извезуваат компоненти за оружје во Русија.
Портпаролот на британската влада изјави дека извештаите за таков извоз се сфаќаат „неверојатно сериозно“, по објавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека британските компании се меѓу оние чиј материјал бил користен во руските напади со дронови за време на викендот.
„Ние забранивме извоз на илјадници компоненти во Русија, вклучувајќи го целото воено оружје за кое не информираше Украина, и заедно со нашите меѓународни партнери воведовме најстрог пакет санкции досега применет кон голема економија“, истакна тој, пренесува Скај њуз.
Портпаролот додаде дека секоја британска компанија за која се утврди дека го прекршила ова може да се соочи со кривично гонење или значителни финансиски казни.
Зеленски, пак, соопшти дека за време на масовниот комбиниран напад врз Украина на 5 октомври, Русија користела 549 парчиња оружје за масовно уништување, кои содржеле 102.785 компоненти од странско производство, вклучувајќи компании од САД, Кина, Тајван, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Јапонија, Република Кореја и Холандија.
Според него, лансираните дронови содржеле околу 100.688 странски компоненти, Искандерите околу 1.500, Кинжалите 192, а Калибрите 405.
Зеленски истакна дека микроконтролерите за беспилотни летала се произведуваат во Швајцарија, микрокомпјутерите за контрола на летот во Велика Британија, оптоизолаторите за крстосувачки ракети во Јапонија, а прекинувачките конектори во Германија.







