Германскиот пензиски систем се соочува со сериозна криза, а нов извештај на „научниот советнички круг“ на Министерството за економија предупредува дека граѓаните наскоро би можеле да работат и до 73 години за да се спречи негов колапс.
„Ќе мора да работиме повеќе ако сакаме да го задржиме обемот на социјалното осигурување без да оставиме уште поголем товар на идните генерации. Возраста за пензионирање мора да биде поврзана со очекуваниот животен век“, се наведува во студијата нарачана од министерството предводено од член на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
По предлогот на министерката за економија Катерина Рајхе за зголемување на старосната граница за пензионирање на 70 години, експертите отидоа уште подалеку и предлагаат поврзување на возраста со просечниот животен век – слично како во Данска, каде што веќе е утврден моделот и до 2040 година возраста за пензионирање ќе достигне 70 години.
Економистите предупредуваат дека германската економија со години стагнира, додека други европски држави бележат многу подинамичен раст. Главните причини, велат тие, се недоволниот раст на продуктивноста и сериозните демографски промени поради стареењето на населението.
Заклучокот на експертскиот совет е јасен – ако не се преземат радикални мерки, пензискиот систем на Германија ќе се најде пред неминовен колапс.







