Млечната индустрија е една од најстабилните и најприсутните во македонското производство. Од чаша јогурт до парче кашкавал или сирење ‒ млечните производи се дел од секојдневието, но зад тие производи стојат компании што управуваат со милионски обеми, големи производствени капацитети и сериозни пазари. Секторот е концентриран околу неколку клучни компании, но тие го движат пазарот. Според анализата што ја подготви порталот Пари врз база на податоците од Бизнис Мрежа, врвните 10 компании во оваа индустрија во 2024 година направиле вкупен приход од 130,3 милиони евра, со добивка од 6,7 милиони евра, и вработуваат 940 луѓе.
Доминира една компанија, а тоа е Млекара АД Битола, која е лидер во сите три категории: приход, добивка и број на вработени. И останатите играчи носат важна тежина во оваа приказна ‒ некои поради стабилност, некои поради агресивен раст, а некои затоа што од мала основа остваруваат сериозни резултати.
МЛЕКАРА АД БИТОЛА ИМА НАЈВИСОК ПРИХОД
Најголема сила во секторот е Млекара АД Битола, која во 2024 година остварила приход од 48,2 милиони евра, тројно повеќе од следната компанија на листата. Оваа млекарница, позната по својата долгогодишна традиција, производствен капацитет и препознатлив бренд, е столб на македонската млечна индустрија.
Веднаш зад неа е Бучен Козјак од Куманово, и со своето производство на јогурт, кисело млеко, кашкавал, сирење и урда, лани остварила приход од 15,9 милиони евра.
Следуваат Трница од Маврово (11,8 милиони), Здравје Радово (11 милиони) и Лацталис МК (9,2 милиони) – компанија формирана во 1997 година како Идеал-Шипка, која го освои пазарот со млечни производи и во Македонија и во земјите каде што извезува. Со оваа компанија завршува првата петорка.
Во долниот дел од листата се компании со поскромни, но сепак милионски приходи ‒ СЕНТИС АГ, ХИТ 73, ИМВ Велковски, Млечна Индустрија Скопје и Хемипром Свети Николе ‒ кој со 4,8 милиони евра е на десеттото место, но сепак тоа е приход што многу други индустрии не го достигнуваат.






