Фармацевтската компанија „Реплек“ бележи значаен раст на приходите од 18% во првите девет месеци од 2025 година, достигнувајќи 26 милиони евра заклучно со 30 септември. Овој резултат ја потврдува одржливоста на деловниот модел и силната ориентација кон иновации и квалитет.
Најголем пораст е забележан во сегментот Фармација, кој исто така бележи раст од 18% во однос на истиот период лани. Компанијата континуирано вложува во модернизација, дигитализација и проширување на меѓународните пазари, при што високите производствени стандарди беа дополнително потврдени со добивањето на два EAEU GMP сертификати, кои отвораат пристап до 183-милионскиот пазар на Евроазиската економска унија.
Од вкупните приходи, 75% потекнуваат од извоз, а 25% од домашниот пазар, што ја нагласува балансираната географска распределба. Приходите од странските пазари достигнаа 19,74 милиони евра, додека домашната продажба изнесува 6,25 милиони евра.
– Овие резултати потврдуваат дека нашата стратегија за одржлив раст, иновации и силно присуство на меѓународните пазари дава конкретни резултати. Континуирано инвестираме во нови производи, дигитални решенија и проширување на капацитетите со цел да понудиме повисок квалитет, ефикасност и сигурност за нашите партнери и пациентите. „Реплек“ останува посветен на создавање долгорочна вредност за акционерите, вработените и националната економија – изјави генералниот директор Душан Пецовски.
Стратешки инвестиции и трансформација
Како дел од трансформацијата, компанијата од 1 октомври годинава премина на SAP S/4HANA, со што се зголемуваат транспарентноста, усогласеноста и конкурентската предност. Дополнително, во употреба е пуштена нова високо-технолошка линија за серијализација и пакување.
На почетокот на годината, „Реплек“ отвори претставништва во Босна и Херцеговина и во Србија, каде што веќе се реализирани првите успешни продажби – што е уште една потврда за растечкото регионално присуство на компанијата.






