Русите треба да ја почувствуваат цената на прекините на струја што ги предизвикуваат нивните напади врз енергетската инфраструктура на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција со холандскиот премиер Дик Шоф.
„Русите не ја разбираат цената на сите овие прекини на електрична енергија, на сите тешкотии што украинскиот народ ги доживува и издржува за време на оваа војна. Тоа не е прашање на нивниот морал – кој очигледно им недостасува – туку на нивната физичка перцепција. Украина не убива цивили. Но, тие мора да ја разберат цената на ова“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека Украина возвраќа со удари насочени кон воени цели и енергетски постројки кои ги финансираат руските воени операции. „Русија ги продава своите енергетски ресурси, а потоа тие средства ги користи исклучиво за војна. Затоа Украина презема апсолутно праведни чекори. Ние би сакале да не мораме тоа да го правиме. Би сакале да нема војна. Но Русите тоа не го сакаат – засега“, додаде тој.
Зеленски изјави дека војната може да се запре само со повеќенасочен притисок врз Русија и нејзиното раководство. „Притисокот од западните земји во моментов не е доволен, ниту постои доволно единство во неговата примена. Потребен е посилен притисок од САД и од Европа. Што се однесува до глобалниот Југ – сè уште не чувствуваме дека тие вршат доволен притисок врз Русија за да ја запрат. Другиот вектор е самото руско општество. Тие нè убиваат. Не смее да им се дозволи да се чувствуваат удобно. Кога повеќе нема да се чувствуваат така, тогаш ќе почнат да поставуваат прашања на своето раководство“, рече тој.
Зеленски истакна и дека Украина користи само домашно произведено оружје за напади врз Русија, не ограничувајќи се само на беспилотни летала.
Според руските извештаи, илјадници жители во белгородската област вчера останале без струја по напад со дрон.






