„Фламинго“ – новата украинска ракета што ги погоди руските рафинерии
Украина изврши нови напади врз руската енергетска инфраструктура со крстосувачки ракети „Фламинго“, објави британскиот Економист. Последните месеци бројот на удари врз нафтни рафинерии, терминали и пумпни станици значително порасна, а аналитичарите предупредуваат дека тие наскоро може да станат секојдневие.
Меѓу целите биле големи објекти како извозниот терминал во Новоросијск, рафинеријата во Башкортостан и пумпната станица во Чувашија – некои и до 1.000 километри од границата. Според проценки, до 40% од руските капацитети за преработка на нафта се оштетени, од што околу 20% трајно.
„Фламинго“ има домет од над 3.000 километри, боева глава од 1.150 килограми и може да лета само 50 метри над земја. Во моментов дневно се лансираат 2–3 ракети FP-5, а до крајот на месецот бројот ќе порасне на 7. Цената на една ракета е околу 500.000 долари – четири пати поевтина од американскиот „Томахавк“, а со поголем дострел.






