Петре Караманов од Велес, кој во 2015 година беше осуден на три години затвор поради кражба на ќебапи, и по осум години од бегството сè уште не е пронајден. Министерството за внатрешни работи потврди дека по него е распишана централна и меѓународна потерница.
Караманов, кој стана познат по „кражбата на ќебапи“ во една велешка кафеана, всушност бил осуден за тешка кражба, бидејќи покрај храната украл и алкохолни пијалоци и други производи. Во моментот кога му била изречена пресудата, тој веќе се наоѓал во притвор за друго кривично дело.
Во 2017 година, за време на првиот слободен викенд од затворот, Караманов не се вратил во КПУ „Идризово“ и оттогаш му се губи трагот. Според информациите, се претпоставува дека избегал во соседна Бугарија, каде што има и државјанство.
Активен е на социјалните мрежи и, според достапните податоци, тврди дека работи како автомеханичар во Софија. На неколку бугарски интернет-страници за запознавање се појавуваат профили со неговото име, презиме и возраст.
Од МВР за „Викимедиа“ изјавија дека Караманов е осуден за повеќе дела – разбојништво и тешка кражба – на казна затвор од шест години и 11 месеци. За доиздржување му остануваат уште четири години, 11 месеци и 29 дена.
Иако случајот во јавноста беше запаметен како „кражба на ќебапи“, тој само симболично ја претстави подолгата криминална историја на Караманов, кој уште од малолетна возраст има повеќе пресуди за кражби и прекршоци.
Велешанецот, кој некогаш предизвика бурни реакции поради, како што многумина тогаш мислеа, „строга казна за ситно дело“, денес останува еден од најдолговечните бегалци од македонските затвори.






