Во Србија продолжуваат обилните снежни врнежи, а на планината Копаоник досега се измерени 40 сантиметри снег, кој и натаму паѓа. Метеоролошката станица вечерва соопшти дека температурата на оваа планина изнесува минус четири степени Целзиусови, со ветар што дува со брзина од 4 до 8 метри во секунда.
Според прогнозите, на највисоките планински врвови во Србија се очекува снежната покривка да надмине половина метар.
Поради екстремните врнежи, вонредна состојба е прогласена во четири општини – Медвеѓа, Ивањица, Ариље и Нова Варош. На сила е црвено метео предупредување за јужните и централните делови на земјата, каде што во пониските предели може да паднат повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар, јавува РТС.
Јавниот сервис додава дека на повеќе патишта владее опасност од паднати дрвја поради влажен снег, поради што на возачите им се препорачува крајна претпазливост. Проблеми со снабдувањето со електрична енергија се пријавени на подрачјето на Голија и во општината Брус.







