Суд во Тунис изрече смртна казна за 56-годишен маж поради објави на социјалните мрежи во кои го критикувал претседателот Каис Саид – пресуда без преседан што предизвика шок и осуда во јавноста, пренесува Reuters.
Осудениот, Сабер Чушан, сезонски работник со ограничено образование, беше уапсен минатата година поради објави на Facebook насочени кон претседателот.
„Судија во Набеул осуди човек на смрт поради објави на Facebook. Тоа е шокантна и невидена пресуда“, изјави неговиот адвокат Усама Бутаља, додавајќи дека е поднесена жалба. Министерството за правда засега нема дадено коментар.
Иако туниските судови понекогаш изрекуваат смртни казни, ниту една не е извршена повеќе од три децении.
Семејството на Чушан е во неверување. „Не можеме да поверуваме. Ние сме сиромашна фамилија, а на сиромаштијата сега ѝ се придодадоа угнетување и неправда“, изјави неговиот брат Џамал.
Пресудата предизвика лавина критики и подбив на социјалните мрежи. Активистите предупредуваат дека станува збор за обид за заплашување на критичарите на претседателот Саид, што може дополнително да ја задуши слободата на изразување и да ги продлабочи политичките тензии.
По распуштањето на парламентот во 2021 година и воведувањето владеење со декрети, режимот на Саид постојано е на мета на организации за човекови права, кои предупредуваат на ерозија на независноста на судството. Опозицијата тоа го нарече државен удар, а голем дел од нејзините лидери се зад решетки под различни обвиненија.






