Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот издаде наредба до израелската армија веднаш да го запре бомбардирањето на Појасот Газа, откако Хамас соопшти дека прифаќа делови од неговиот мировен план, пренесе Асошиејтед прес.
Хамас најави дека е подготвен да ги ослободи преостанатите заложници и да ја предаде контролата врз Газа на други палестински сили, но посочи дека за некои од предложените мерки е потребна дополнителна консултација. Претставници на движењето предупредија дека и натаму постојат сериозни несогласувања со делови од иницијативата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека земјата е подготвена да ја спроведе првата фаза – ослободување на заложниците – но не даде конкретен одговор за останатите точки. Од неговиот кабинет соопштија дека Израел ќе ја заврши војната „во согласност со своите принципи“.
„Верувам дека Хамас е подготвен за траен мир,“ напиша Трамп на социјалните мрежи. „Израел мора веднаш да го прекине бомбардирањето за да ги спасиме заложниците безбедно и брзо. Веќе водиме преговори за деталите.“
Мировниот план, претставен во понеделникот во Белата куќа од Трамп и Нетанјаху, предвидува ослободување на сите 48 преостанати заложници во рок од 72 часа, целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили и воспоставување преодна меѓународна управа во Газа, под надзор на Трамп и поранешниот британски премиер Тони Блер.
Хамас прифати дел од предлозите, вклучително и ослободување на заложници во замена за палестински затвореници, но одби странска администрација во Газа и не се изјасни за разоружување — што е клучно барање на Израел. Високиот функционер на движењето, Муса Абу Марзук, за Ал Џезира изјави дека „планот не може да се спроведе без директни преговори“.
Египет и Катар го поздравија развојот, а портпаролот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика сите страни да ја искористат шансата за прекин на конфликтот. Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека „примирје и ослободување на заложниците се на дофат“.
Семејствата на израелските заложници го оценија барањето на Трамп за запирање на нападите како „критично за спасување на нивните најблиски“, повикувајќи го Нетанјаху на итна дипломатска акција.
Во меѓувреме, израелската армија продолжи со офанзивата во Газа. Според податоците на Министерството за здравство на Хамас, во последните 24 часа се убиени најмалку 41 Палестинец, а од октомври 2023 година бројот на жртви надмина 66.000. ОН предупредуваат дека 90 проценти од населението е раселено, а хуманитарната состојба е „катастрофална“.
Иако мировниот план отвора можност за создавање палестинска држава, тој не предвидува обединување со Западниот Брег. Нетанјаху повтори дека Израел „силно ќе се спротивстави“ на таков чекор, додека Хамас инсистира дека ослободување на заложниците е можно само со траен прекин на огнот и израелско повлекување — услови што Тел Авив сè уште не ги прифаќа.






