Сабер Шушан (56) од Тунис е осуден на смрт поради објави на социјалните мрежи во кои го критикувал претседателот Каис Саид, објави „Дејли меил“.
Адвокатот Осама Бутаље изјави дека судот во градот Набел го осудил неговиот клиент за навреда на претседателот преку интернет и дека веќе е поднесена жалба против пресудата.
Бранителите нагласуваат дека Шушан не е политички активист, туку слабо образован работник кој ја изразил својата фрустрација од тешките економски услови и политиките на претседателот. „Веќе живееме во сиромаштија, а сега на тоа се додава угнетување и неправда“, рече неговиот брат.
Иако смртната казна е законски дозволена во Тунис, таа не е извршувана повеќе од три децении. Одлуката предизвика силни реакции на социјалните мрежи, а активисти за човекови права ја оценуваат како обид за заплашување на сите критичари на владата.







