На конвенцијата на Националната алијанса за интеграција (АКИ), предводена од ДУИ, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, покрај вообичаените скандирања „УЧК“, се слушна и гласно „Артан Груби“. За дел од јавноста ова беше симболична демонстрација на политичко наследство, но според добри познавачи на состојбите во партијата, пораката имала далеку подлабоко значење – предупредување до кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи.
Кон крајот на август, Османи јавно се дистанцираше од Груби, изјавувајќи дека „монополот на блискоста со Али Ахмети“ што го имал Груби ѝ нанесол штета на ДУИ. Со тоа, тој практично ја отфрли улогата што Груби ја имаше во партијата со години.
Но, ривалството меѓу двајцата чаирчани е многу подлабоко. Груби, кој се наоѓа во политички егзил и е на „црната листа“ на САД, наводно дознал дека Османи го „кодошел“ кај странски дипломати. Обвиненијата велат дека тој го поврзувал Груби со фантом-портали и притисоци врз претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, со цел да се овозможи враќањето на Никола Груевски во Македонија. Истовремено, Коалицијата Вреди јавно го прозва Османи за негови лични средби во Будимпешта со Груевски – нешто за што јавноста сè уште не слушна убедлив демант.
Ситуацијата дополнително се комплицира поради влијанието на Груби во Чаир. Доколку Груби јавно застане зад Османи, тоа може да го наруши неговиот имиџ кај меѓународната заедница. Ако пак, одлучи да му се спротивстави, тогаш Османи ризикува да изгуби значаен дел од гласачите во општината.
Изворите од партијата велат дека скандирањето на конвенцијата било внимателно режирано – порака до Османи дека, и покрај неговото формално отсуство, Артан Груби и натаму има силно влијание врз базата на ДУИ во Чаир.
Дали ова ривалство ќе заврши со „дупло голо“ за Османи, ќе покаже денот на гласањето.







