Албанските обвинителни власти објавија дека во Тирана е разбиена најголемата мрежа за проституција во земјата. Во акцијата се приведени 48 жени од различни националности, кои биле жртви на трговија со луѓе и присилна проституција.
Главен организатор на групата, според обвинителството, бил Лукас Бетанкур (25) од Колумбија, кој веќе е уапсен во својата матична земја. Тој регрутирал девојки од држави во Латинска Америка, организирал нивно патување кон Албанија и сместување во Тирана, каде што биле принудувани на проституција. Според истрагата, девојките биле држани насилно, а нивните семејства биле заплашувани доколку се обидат да избегаат.
Албанскиот државјанин Дритан Сукај ја водел мрежата во Тирана, додека Асел Адришева и Кејвин Ндреу биле одговорни за контролата на неколку девојки од Казахстан. Денис Бериша, друг член на групата, ги дрогирал жртвите и им обезбедувал клиенти.
Дел од заработката од криминалните активности била инвестирана во криптовалути на сметки на Бетанкур. Активноста се одвивала во хотел сопственост на Илир Гугаши, на улицата „Решит Чолаку“ во Тирана.
Албанските власти ја оценуваат акцијата како најголема досега во борбата против трговијата со луѓе и проституцијата. Минатата година во земјата беа уапсени и неколку кинески државјани под слични обвиненија.






