Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за „Еуроњуз Албанија“ порача дека премиерот Христијан Мицкоски не може да биде успешен во политиката без почитување на легитимитетот на Албанците во Македонија.
„Октомври е македонско-албански референдум. Христијан не може да гради политика без да го почитува легитимитетот на албанската нација. Политиките што го деградираат албанското прашање не му носат корист ниту нему, ниту на Албанците“, изјави Ахмети.
Тој потсети дека неколкупати ја повикале коалицијата Вреди да ја напушти владата и да се обедини околу платформа за мирна одбрана на Охридскиот договор. „Успешните политики се базираат на легитимитет, фер вклученост и консензуална демократија – принципите врз кои е изграден Охридскиот договор. Ние не сакаме кризи, сакаме да придонесеме и да ја туркаме земјата напред“, нагласи Ахмети.
Во интервјуто тој откри и дека на една од средбите, Мицкоски првично предложил локалните избори да се одржат заедно со предвремени парламентарни во октомври, но подоцна ја сменил својата одлука.






