Кандидатот за советник од УМС ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, Стефан Карапеоски – Кајо, ги претстави своите три приоритетни проекти за мандатот, насочени кон подобрување на животот на младите и унапредување на градот.
Првиот проект предвидува изградба на модерен градски парк на просторот на поранешниот „Шик Јелак“. Карапеоски нагласи дека со тоа ќе се создаде „ново белодробие на градот“, простор за одмор, рекреација и дружење на сите генерации.
Вториот проект е основање и изградба на Младински културен центар со сала за културни настани, едукативни работилници, креативни ателјеа, библиотека, читална, како и зона за спортски активности и дружење.
Третиот проект опфаќа изградба и реконструкција на четири мултифункционални игралишта – во спортскиот центар, како и во населбите Колтук, Фалише и Сараќино.
„Со овие игралишта ќе обезбедиме современи простори за спорт, рекреација и дружење на сите генерации“, изјави Карапеоски.






