Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во општина Кисела Вода остро го критикуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека нема реализирано ниту една своја инвестиција.
„Гледам дека Мицкоски сака да кажува басни на митинзите. А зошто раскажува басни? Затоа што нема што друго да каже. Четири години ја имаа речиси целата локална власт и година и пол централната власт, а немаат ниту една инвестиција зад себе“, изјави Филипче.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ се фалеле со проекти кои биле донесени до крај од СДСМ, само сечеле ленти и отворале фабрики и улици по неколку пати.
„Прашањето е едноставно – може ли Мицкоски да наброи две целосно свои инвестиции? Единственото со што се пофалија беа проекти што СДСМ ги донесе до 98%, 99% реализација. Да не се проектите на СДСМ – Мицкоски нема ни каде да се слика“, нагласи тој.
Филипче додаде дека економијата со ВМРО-ДПМНЕ на власт е „на колена“, а нивниот модел се базира на лаги и манипулации. „Ова е реалноста. Лажат, манипулираат и трошат пари за себе, додека граѓаните остануваат без иднина“, порача лидерот на СДСМ.






