Загрижувачки податоци за пушењето кај младите во Северна Македонија покажуваат дека 40% од лицата до 18 години се пушачи, а повеќето почнуваат уште на 13 години, покажува последното истражување на „Аналитика“. Експертите апелираат за итни мерки за заштита на младината.
„Кај младите до 18 години, анализите покажуваат дека не им се доволно забранети купувањата на тутунски производи. Потребно е поголемо почитување на законската регулатива и зголемување на цените на новите производи што ги користат младите, како електронските цигари. Со зголемување на акцизата тие би станале помалку достапни“, посочува Тамара Миовиќ-Спасова од „Think Tank“ аналитика.
Покрај класичниот тутун, експертите предупредуваат и за штетноста на електронските цигари, барајќи тие да бидат опфатени со законот за заштита од пушење. Едукацијата на младите е клучна за спречување на почетокот со оваа штетна навика.
Министерката за образование, Весна Јаневска, истакна дека училиштата веќе воведуваат програми за здравствено образование и нови изборни предмети како „Учам за моето здравје“ за седмо одделение, како и мерки против злоупотреба на тутун, алкохол и дрога.
Според Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се пушачи, додека само 5% успеваат да се откажат. Експертите апелираат за позитивни примери за младите, за да се спречи почетокот со пушење и да се промовира здрав начин на живот.






