СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот директор на ЈПКД „Комуналец“ Струмица, З.Г. (56), против самото јавно претпријатие, како и против Г.Б. (52) и едно правно лице од Струмица, поради сомнеж за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „злоупотреба на службената положба и овластувањето“.
Според истрагата, ЈПКД „Комуналец“, застапувано од З.Г., заедно со правното лице на Г.Б., изградиле објект од втора категорија користен како деловен простор без одобрение за градба од Општина Струмица.
Поранешниот директор е пријавен и за две кривични дела „злоупотреба на службената положба“. Првиот случај се однесува на склучување договори за закуп на настрешница на зелена површина, без законски основ и согласност од Општината, со што бил оштетен буџетот на Општина Струмица за 847.126 денари.
Во вториот случај, во периодот 2020–2023 година, З.Г. набавувал храна и угостителски услуги од истото правно лице без спроведување на постапка за јавна набавка. Фактурите не содржеле детални податоци, ниту документација која го потврдува користењето на оброците, со што на ЈПКД „Комуналец“ му била нанесена штета од 307.800 денари.
МВР информира дека случајот е целосно документиран и доставен до обвинителството за понатамошна постапка.






