Луксузниот пентхаус на Менхетен, со поглед кон Централ Парк, повеќе од пет години служел како „сексуален затвор“, каде поранешниот трговец од Волстрит, Хауард Рубин, наводно измачувал и силувал жени, соопштија федералните обвинители.
Рубин (70), кој работел во „Саломон Брадерс“, „Мерил Линч“ и „Сорос Фанд Менаџмент“, беше уапсен во Конектикат и се изјасни за невин пред федералниот суд во Бруклин. Заедно со неговата асистентка Џенифер Пауерс (45), е обвинет за трговија со луѓе, сексуална експлоатација и транспорт на жени преку државни граници за проституција.
Според обвинителите, жените биле заведувани со договори за доверливост и пари, но потоа подложени на тепање, дрога, алкохол и присилни сексуални акти во специјално уредена, звучно изолирана „црвена соба“. Обвинителството тврди дека Рубин често игнорирал безбедносни зборови и дека жртвите останувале со тешки повреди.
Мрежата, според документите, оперирала од 2009 до 2019 година и чинела најмалку еден милион долари. Во 2017 година, Рубин веќе се соочил со граѓанска тужба, а во 2022 година поротата го прогласила за одговорен за трговија со луѓе и му наложила да плати 3,9 милиони долари оштета.
Обвинителите наведуваат дека постојат десетици други жртви и повеќе соучесници, а Рубин се соочува со доживотна затворска казна ако биде прогласен за виновен.
Судијата нареди Рубин да остане во притвор, истакнувајќи ризик од бегство и закани кон сведоци. Обвинителите открија дека тој има повеќе од 74 милиони долари на сметки на Кајманските Острови.
Хауард Рубин беше познат на Волстрит уште во 1980-тите, вклучително и по својата огромна загуба од 250 милиони долари во „Мерил Линч“. Сега, наместо финансиски шпекулации, неговото име се врзува со едно од најтешките обвиненија во САД – трговија со луѓе и сексуално насилство.







