Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не исклучува ниту една можност во случај руските борбени авиони да навлезат во европскиот воздушен простор без дозвола.
„Во согласност со доктрината за стратешка двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено“, рече Макрон во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Тој предупреди дека Русија претставува најголема структурна закана за Европа, наведувајќи примери како мешање во избори, кибернапади, атентати на противници и ширење дезинформации. „Наивни сме ако не препознаеме дека руската тајна армија се шири во нашите демократии преку дигитални ботови“, нагласи Макрон.
Во однос на замрзнатите руски средства, францускиот претседател повтори дека тие не можат едноставно да се конфискуваат, бидејќи тоа би било спротивно на меѓународното право.
Макрон најави дека на почетокот на следната година ќе одржи говор за француската нуклеарна доктрина, која е во процес на ажурирање. „Францускиот нуклеарен чадор постои. Работиме на негово унапредување и на продлабочување на стратешкиот дијалог со европските партнери“, изјави тој.







