Животот во Грција денес е парализиран поради генерален штрајк против плановите на конзервативната влада на Киријакос Мицотакис за воведување можност за 13-часовен работен ден. Протестите, кои ќе започнат околу пладне, го блокираат транспортот во Атина, возовите и ферибродовите, а се вклучени и наставници, болнички работници и државни службеници.
Главните синдикати, GSEE и ADEDY, го осудуваат законот како закана за здравјето и приватниот живот на работниците, додека прокомунистичкиот синдикат ПАМЕ го нарекува „модерно ропство“. Новиот закон би дозволил работа од 13 часа на ден во вонредни околности со дополнителни прекувремени плати, и тоа само со согласност на работниците и зголемување на платата за 40 проценти.
Министерката за труд, Ники Керамеус, потенцира дека мерката е исклучителна и важи само до 37 дена во годината. Мицотакис посочува дека многу млади Грци веќе работат повеќе работни места и сакаат можност за дополнителна заработка.
И покрај растот на БДП и намалувањето на невработеноста, ниските плати и високите трошоци за живот остануваат главни проблеми за Грците, со минимална плата од 880 евра месечно и просечно работно време од 39,8 часа неделно, над европскиот просек.







