Украинската воена разузнавачка служба (HUR) соопшти дека на 27 септември ликвидирале висок офицер на Руска национална гарда и уште двајца придружници во операција на Северен Кавказ, јавува Kyiv Independent.
Потполковникот, неговиот помошник и возачот загинале близу селото Тамбукан во рускиот регион Ставропол додека патувале кон воен полигон. HUR објави видео во кое најпрво се гледа офицерот од далеку, а потоа следува експлозија на неговото возило.
Убиениот офицер бил командант на единицата „Авангард“ на Руска национална гарда, задолжена за одржување на јавниот ред и борба против „тероризмот“ и „илегалните вооружени групи“.
Операцијата била спроведена со поддршка на групата „Движење за ослободување на Кавказ“, објави HUR. Тамбукан се наоѓа во југозападна Русија, околу 80 километри северно од границата со Грузија и околу 650 километри од првите линии на боиштето во Украина.







