Србија и Црна Гора остануваат меѓу земјите со најголема распространетост на оружје во Европа, со 39 парчиња на 100 жители, покажува нов германски документарен филм за Балканот, пренесува „Дојче Веле“. Повеќе оружје од овие две држави има само во САД и воено разорениот Јемен.
И покрај бројните акции за предавање на нелегално оружје, многу граѓани во двете држави продолжуваат да го поседуваат како дел од традицијата и секојдневниот живот. Во филмот, поранешниот мафијаш Кристијан Голубовиќ сведочи за лесниот пристап до оружје и криминалното минато во Белград, особено во 1990-тите, кога насилството и трговијата со оружје достигнале историски размери.
Во Србија и Црна Гора, последиците од широко распространетото поседување оружје се видливи во серијата на масовни убиства и насилни инциденти. Најнов пример е масовното убиство во Белград во мај 2023 година, кога млад човек уби девет лица со нелегално оружје од црниот пазар. Слична состојба владее и во Црна Гора, каде речиси секое домаќинство поседува оружје, а организираниот криминал и клановските пресметки создаваат висок ризик од насилство.
Полицијата оценува дека активностите на црногорската мафија се „висок ризик“, но досега не успеала целосно да ги разбијe нивните мрежи. Оружјето од регионот често се транспортира и стигнува до Западна Европа. Истовремено, граѓаните и активистите во Црна Гора бараат построги закони за ограничување на оружјето, а новиот предлог-закон треба да се гласа оваа есен.
Документарецот „Балканот – опседнат со оружје?“ прикажува и визуелни сведоштва од запленетото оружје и дрога, како и последиците од насилството што го поттикнуваат клановите и криминалните групи во регионот.






