Двајца инспектори на бугарската извршна агенција „Автомобилска управа“ беа уапсени поради барање мито од тимот на Роби Вилијамс пред неговиот концерт во Софија. При претресите на нивните домови и канцеларии биле пронајдени околу 43.000 евра и над 5.000 лева.
Инспекторите се обвинети за корупција, откако на британските возачи на камиони, кои превезувале опрема за концертот, преку „Гугл преведувач“ побарале и прифатиле мито. Според истражителите, двајца возачи платиле по 100 евра, додека од третиот биле изнудени 300 евра за да избегнат административни казни.
Министерот за транспорт, Гроздан Караџов, изјави дека станува збор за практики несоодветни со новата политика на министерството и дека властите дејствувале брзо и решително: „Случајот беше пријавен во четвртокот, а до петокот двајцата службеници веќе беа приведени.“
Пронајдените пари биле скриени во кутии цигари и на различни локации во домовите и канцелариите на инспекторите, што ја потврдува сериозноста на случајот. За ова кривично дело е предвиден затвор до шест години.






