ВЛЕН жестоко реагираше против, како што велат, отворената и веќе официјализирана коалиција меѓу Левица, ДУИ и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Според ВЛЕН, оваа коалиција не е само политичка, туку има за цел да ги заштити личните и бизнис интереси на Кланот на ДУИ во Скопје, Сарај и Шуто Оризари.
„Димитар Апасиев ја потврди и бетонираше оваа коалиција. Ја поддржува Арсовска во активностите што директно се насочени против интересите на граѓаните на Чаир и Сарај,“ велат од ВЛЕН.
Според нив, коалицијата функционира на база на заемна поддршка во Советот на Градот Скопје, каде што ДУИ и Левица секогаш ги поддржуваат извештаите на директорите предложени од другата страна. „Тие си ги делат директорските места, а последиците ги чувствуваат граѓаните – нечисти улици, несобрано ѓубре и целосна негрижа за албанските населби,“ наведуваат од ВЛЕН.
Организацијата предупредува дека вистинската цел на овој сојуз е да ги скрие дивоградбите и луксузните објекти изградени од бизнис-партнерите на ДУИ, додека вината ја префрлаат врз обични албански семејства што легализирале скромни домови. „Нема ниту еден реализиран проект од ветувањата на Арсовска за Сарај, вклучително и клучниот кружен тек и поврзувањето со автопатот. Во Чаир е уште полошо – нема нови булевари, нема паркови, има само нови позиции за кадри на Блерим Беџети и Апасиев,“ стои во соопштението.
ВЛЕН најавува дека во наредните денови ќе излезе со конкретни податоци за сите бесправно изградени објекти на Кланот на ДУИ во Сарај и Шуто Оризари, а ќе ги извести и институциите – МВР, Антикорупциска и Обвинителството.
„Граѓаните не се слепи. Ќе има одговорност. Доста е со понижувањето и прикривањето. Доста беше ДУИ. Доста беше пазарење на грбот на Албанците,“ завршуваат од ВЛЕН.






