Грчкиот Парламент денеска ги објави имотните состојби на премиерот, лидерите на политичките партии, пратениците, европратениците, градоначалниците и префектите за финансиските години 2022 и 2023. Објавата ги вклучува годишните примања, депозити, акции и обврзници, кредити, недвижнини и возила, како и учество во компании.
Премиерот на Грција во 2023 година пријавил годишен приход од 70.456 евра, акции и обврзници во вредност од 508.859 евра и 20.479 долари, депозити од 110.668 евра и 445 долари, 26 недвижнини на Крит, Кикладските острови и во Јанина, две возила, учество во една компанија и кредит од 160.560 евра.
Најбогат меѓу лидерите на политичките партии е Стефанос Каселакис, со приходи од 1,75 милиони долари, акции вредни 3,77 милиони долари, три недвижнини на Спецес, во Атина и САД, едно возило, учество во две компании и кредити од 1,65 милиони долари. Најсиромашен е лидерот на партијата Победа, Димитрис Нациос, кој пријавил годишни приходи од 22.632 евра, депозит од 1.978 евра, пет недвижнини во Пиериа и Килкис, едно возило и кредити од 107.841 евра.
Претседателот на ПАСОК, Никос Андроулакис, пријавил приходи до 128.610 евра, депозити од 1.076.358 евра, 16 недвижнини, едно возило и учество во две компании.
Имотните состојби се објавени неревидирани, онака како што биле поднесени, и ја опфаќаат и имотната состојба на брачните другари или лицата со кои се склучени договори за заедничко живеење. За 2023 година се поднесени 260 почетни и 1.325 годишни изјави, а за 2024 година – 275 почетни и 1.546 годишни.






