Данските вооружени сили потврдија дека и синоќа биле забележани неидентификувани дронови над нивни објекти, објави ТВ2. Во соопштението се наведува дека се вклучени дополнителни капацитети, но не се открива на кои локации или колку дронови биле регистрирани.
Ова е втор ден по ред со вакви инциденти. Во петокот вечерта, полицијата потврди дека дронови прелетале над воздухопловната станица Каруп, а одбранбените сили дополнително известија дека биле видени на повеќе нивни бази. Слични случаи претходно неделава беа регистрирани и кај воздухопловната база Скридструп и касарната Холстебро.
Воениот дописник на ТВ2, Андерс Ломхолт, предупреди дека се работи за „системска акција“ чија цел е да ја демонстрира ранливоста на данската одбрана. „Нема вистинско одвраќање ако дозволувате беспилотни летала да летаат над најчувствителните области“, изјави тој.
Во пресрет на самитот на шефовите на држави и влади што почнува утре во Копенхаген, НАТО испрати германскиот воен брод FGS Hamburg за зајакнување на надзорот во Балтичкото Море. „Присуството на овој брод испраќа јасен сигнал за безбедноста и единството на Алијансата“, рече портпаролот на Поморската команда на НАТО, командант Арло Абрахамсон.
Во меѓувреме, данскиот министер за транспорт Томас Даниелсен најави дека воздушниот простор над цела Данска ќе биде затворен за цивилни беспилотни летала од понеделник до петок, за време на двата европски самити во Копенхаген. „На овој начин се намалува ризикот непријателски дронови да бидат помешани со легални летала“, соопшти тој.







