Во кругот на полициската станица во Пробиштип денеска беше откриена спомен биста на полицаецот Тоше Тодоровски, кој го загуби својот живот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тодоровски извршувал службени задачи за контрола на наркотици во клубот кога избувнал пожарот. Иако имал можност да се спаси, тој останал внатре обидувајќи се да помогне на младите, но за жал, не успеал да излезе.
„Тоше не загина залудно, тој загина спасувајќи млади човечки животи и сум сигурен дека неговата смрт придонесе денеска да имаме барем едно дете живо и здраво. Хероите живеат вечно, Тоше ќе живее вечно“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Мартин Ефремов, порача дека полицајците не се само колеги, туку едно големо семејство. „Нека оваа биста не биде крај на една тажна приказна, туку почеток на нова полициска совест – за солидарност, поддршка и почит“, додаде тој.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“, кога животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа повредени, останува најголема несреќа во поновата македонска историја. Судскиот епилог за овој случај сè уште се чека.






