Германија планира законски овластувања за обарање дронови
Германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добрингт, денес најави дека земјата планира да го измени законот за безбедност на воздушниот сообраќај за да ѝ даде овластувања на армијата за обарање дронови, како одговор на зголемената закана од беспилотни летала.
Добрингт истакна дека зголемениот број упади на дронови над Германија и соседните земји претставува дел од „постојана хибридна закана“, која опфаќа сè, од мали комерцијални квадрокоптери до координирани роеви на дронови. „Ова е трка во вооружување – помеѓу заканите од дронови и одбраната од дронови. Тоа е трка која не можеме да си дозволиме да ја изгубиме“, нагласи министерот.
Оваа иницијатива следува по низа инциденти со дронови во Данска и северна Германија, вклучително и привремено затворање на главниот аеродром во Копенхаген поради големи дронови во забранетиот воздушен простор.
Предлогот на Добрингт се заснова на два клучни столба: создавање национален центар за одбрана од дронови, кој ќе ги обедини ресурсите на федералната и државната полиција, Федералната криминалистичка служба и армијата (Бундесвер), како и измена на Законот за безбедност на воздушниот сообраќај од 2005 година. Новиот закон ќе ѝ овозможи на армијата да интервенира како воена поддршка на цивилните власти кога полициските капацитети не се доволни, вклучувајќи и можност за обарање дронови.
Промените отвораат правни прашања, бидејќи германскиот Устав го ограничува учеството на Бундесверот во внатрешна безбедност. Сепак, Добрингт најави дека предлог-законот ќе биде претставен во парламентот уште оваа есен.






