Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против 40-годишен жител на Скопје, осомничен за кривично дело „Телесна повреда“ по член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил на 21 септември во дворот на семејната куќа на улицата „Славејко Арсов“ во Центар. Според обвинителството, осомничениот на висок тон барал пари од своите родители. Таткото ја напуштил куќата, додека мајката останала и била изложена на груби навреди.
Потоа, синот физички ја нападнал, обидувајќи се да ѝ го одземе мобилниот телефон. „Ја турнал на земја и почнал да ја дави за вратот,“ соопштија од обвинителството. Жената успеала да се извлече, но насилството продолжило – осомничениот кршел саксии и други предмети во дворот.
Обвинителството презема мерки за натамошно процесуирање на случајот.







