Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека полициските службеници уапсиле тројца лица за предизвикување пожари на различни локации во земјава.
Двајца турски државјани со привремен престој во Скопје, Џ.К. (50) и А.А. (43), биле уапсени во саботата околу 18 часот во село Горно Нерези, откако додека работеле со апарат за заварување на плац, од искрите се запалила сува трева, што довело до проширување на огнот надвор од градежната површина.
Дополнително, полициски службеници од ПО Групчин го уапсиле Н.И. (70) од село Чифлик, кој додека ја чистел својата нива на локацијата „Ливада“ на стариот пат од Чифлик кон Ларце, запалил собрана сува трева и предизвикал пожар. Пожарот бил изгаснат, а Н.И. е задржан во полициска станица, додека против него ќе биде изготвен соодветен поднесок.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Кавадарци отвори истражна постапка против едно лице од Неготино за кривично дело – обид за изнуда и закани кон градоначалникот на Неготино. Осомничениот преку анонимен Фејсбук профил и официјалната електронска пошта на општината, во периодот од 2 до 18 септември, испратил закани со кои се обидел да присили градоначалникот да му исплати 3.000 евра, предизвикувајќи чувство на загрозеност и страв кај него и неговото семејство.







