Бразил официјално поднесе декларација за интервенција пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во предметот што Јужна Африка го покрена против Израел за наводно кршење на Конвенцијата за геноцид во Појасот Газа, соопшти Судот во Хаг.
Документот е предаден на 17 септември, а Бразил се повикува на член 63 од Статутот на Судот, кој овозможува државите потписнички на Конвенцијата од 1948 година да се вмешаат во постапката. Во поднесокот, Бразил изнесува правни ставови поврзани со толкувањето на членови I, II и III од Конвенцијата.
МСП ги повика Израел и Јужна Африка да достават писмени осврти на оваа интервенција. Со ова, Бразил се приклучува на растечкиот број земји кои ја поддржаа тужбата, меѓу кои се Колумбија, Мексико, Шпанија, Турција, Чиле и Ирска.







