Американската армија денеска соопшти дека во рација во Сирија е убиен висок припадник на Исламската држава, кој според информациите планирал напади врз САД.
Ирачката антитерористичка служба информира дека ликвидацијата е извршена во координација со меѓународната коалиција предводена од САД. Убиениот е идентификуван како Омар Абдул Кадер, познат и како Абдул Рахман ал-Халаби, кој бил одговорен за надворешни операции и безбедност на групата.
Тој бил вмешан во организирање напади во повеќе земји, вклучувајќи го бомбашкиот напад врз иранската амбасада во Либан, како и за планирање операции во Европа и САД кои биле спречени со разузнавачки активности.
Не е познато дали во акцијата имало цивилни жртви, а американското Централно командување (CENTCOM) изврши повеќе напади врз припадници на Исламската држава во Сирија. Американските официјални лица предупредуваат дека групата се надева на обновување на активностите по падот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во декември минатата година.







