Голема полициска акција во Источна Македонија: Приведени полициски началник, директор на „Македонски шуми“ и бизнисмени
Во тек е обемна полициска акција на подрачјето на Берово, Пехчево и Делчево, насочена кон разбивање на организирана криминална група која со години се занимавала со нелегална сеча на шуми, злоупотреба на службена положба, поткуп и други тешки кривични дела против животната средина.
Неофицијално, меѓу приведените се актуелен директор на ЈП „Македонски шуми“, полициски началник, повеќе полициски службени лица, шумски полицајци, претставник од подрачна единица на Министерството за земјоделство, како и сопственици на приватни фирми. Тие се сомничат дека организирале незаконита сеча и транспорт на дрвна маса, која преку коруптивни врски била легализирана и пуштана во понатамошен промет.
Според достапните информации, групата делувала како злосторничко здружение со единствена цел – личен профит на штета на државата и природното богатство. И покрај очигледното уништување на шумите, со години никој не се осмелил да ја прекине нивната работа, што отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите на локално ниво.
Со оваа акција, полицијата и Владата испраќаат јасна порака дека корупцијата, злоупотребата на функциите и уништувањето на природата нема да бидат толерирани, без оглед на тоа кој стои зад нив.
Шумите претставуваат национално богатство и природно наследство што мора да се заштити за идните генерации, а надлежните институции најавуваат дека ќе продолжат со решителни мерки против сите кои ја загрозуваат животната средина.






