Анкета во Германија: АфД првпат води пред демохристијаните, СПД далеку зад нив
Десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) за прв пат на национално ниво изби пред конзервативниот блок CDU/CSU, покажува најновото истражување на „YouGov“, пренесува Deutsche Welle.
Според анкетата, доколку парламентарните избори се одржат в недела, за AfD би гласале 27 проценти од испитаниците – два поени повеќе отколку во август. Поддршката за CDU/CSU е 26 проценти, што е пад од еден поен.
Владејачката Социјалдемократска партија (SPD) е убедливо трета со 15 проценти, а Зелените бележат пад на 11 проценти.
Партијата Левица (Die Linke) добива 9 проценти, додека новоформираната Алијанса на Сара Вагенкнехт (BSW) останува стабилна на 5 проценти – доволно за влез во Бундестагот.
Слободните демократи (FDP) се на 4 проценти, што е под изборниот праг, и покрај малото подобрување од еден поен. Останатите партии заедно добиваат 4 проценти поддршка.
Истражувањето е спроведено врз 1.649 гласачи низ цела Германија, во периодот од 12 до 15 септември.






