Во руската енклава Калининград е забележано присуство на ракетни системи „Искандер“, лоцирани долж автопатот Е28, на околу 105 километри од полската граница. Според воени аналитичари, нивниот дострел опфаќа шест членки на НАТО: Полска, Летонија, Литванија, Естонија, Шведска и Германија.
Снимката првично ја објави советникот на украинското МВР Антон Герашченко, кој оцени дека станува збор за јасна демонстрација на сила.
Москва сè уште официјално не го потврди распоредувањето, но извештаи наведуваат дека станува збор за дел од заедничката руско-белоруска вежба „Запад 2025“, која се одржува на територијата на Русија и Белорусија, како и во Балтичкото и Баренцовото Море. Вежбата започна вчера и опфаќа сценарија на одбрана, а потоа и „обнова на територијалниот интегритет на Сојузната држава“.
Демонстрацијата доаѓа во момент на зголемени тензии, само два дена по инцидентот со руски дронови во полскиот воздушен простор, кој Западот го протолкува како провокација и тест за НАТО.
Системот „Искандер“ има дострел до 500 километри и може да носи конвенционални, касетни или нуклеарни боеви глави, со висока прецизност и тешко пресретнување – што го прави едно од клучните оружја на руската армија.






