Брисел предлага „репарациски заем“ за Украина од замрзнатите руски средства
Европската комисија предложи нов механизам за финансирање на Украина – т.н. „репарациски заем“, заснован врз кеш салдата поврзани со замрзнатите руски државни средства. Идејата ја претстави претседателката Урсула фон дер Лајен во говорот за состојбата на Унијата во Стразбург.
„Главницата на руските средства нема да се допира. Украина ќе го враќа заемот само откако Русија ќе исплати репарации,“ нагласи таа. Целта е Киев веднаш да добие дополнителни пари за буџетот, одбраната и безбедноста, без директна конфискација на средствата – опција што и понатаму буди правни и финансиски резерви кај дел од членките.
Предлогот се надоврзува на постојната шема на ЕУ и Г7 за користење на приходите од замрзнатите средства, преку која Украина веќе добива околу 45–50 милијарди долари. Деталите за новиот инструмент ќе се разработуваат со земјите-членки и Г7.
Најголемиот дел од замрзнатите руски средства (околу две третини) се наоѓаат во Европа, особено во клириншката куќа Euroclear во Белгија. Брисел разгледува начини за нивно поефикасно искористување, додека Белгија предупредува на можни тужби и системски ризици, но е подготвена да поддржи решение на ниво на ЕУ.
Фон дер Лајен го вклучи предлогот во поширокиот пакет мерки за Украина – продолжување на санкциите кон Русија, воено и буџетско финансирање и долгорочни безбедносни гаранции. „Ова ќе ѝ помогне на Украина сега, а сметката ќе ја плати агресорот,“ порача таа.






