Од Министерството за внатрешни работи најавуваат навремено и целосно информирање на граѓаните за новите правила при патување во Европската унија, кои според најавите стапуваат во сила од 12 октомври 2025 година, со цел да се избегнат застои на патните премини.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, на новинарско прашање истакна дека се во постојана комуникација со европските партнери и дека, според првичните најави и сегашната европска регулатива, граѓаните ќе пополнуваат онлајн апликации.
– Разговараме на дневна основа како сето тоа да биде олеснето и подостапно за нашите граѓани. Се согласувам, најголем проблем може да бидат патните премини кај нашите соседи кои се дел од Европската унија. Затоа, наша обврска е да ги информираме граѓаните комплетно, какви апликации треба да поднесат. Според сегашната регулатива, оваа апликација ќе биде онлајн, сето тоа ќе одзема време, ќе биде кратко, но ќе биде со важност од две години. Такви се првичните најави, но кога ќе ги добиеме официјалните информации од ЕУ ќе бидат споделени со граѓаните. Таа регулатива е на ЕУ а ние сме должни да ја почитуваме, рече Јанев, кој присуствуваше на настан за замена на регистарските таблици на службените возила со нови, специјални, во боја.
Според последните информации, системот за влез/излез (EES) ќе почне да се применува од 12 октомври 2025 година. Постепено, во период од шест месеци, ќе биде имплементиран во 29 европски земји – 25 членки на ЕУ кои се дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Целосната имплементација ќе започне од 10 април 2026 година, од кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој. Во овој момент, преку вториот систем ETIAS, не е потребна никаква акција од страна на патниците, а Европската Унија дополнително ќе информира за конкретниот датум на почеток на ETIAS неколку месеци пред неговото лансирање.







