Институциите во државата имаат рок до 15 септември да ги брендираат службените возила, соопшти директорот на СОЗР, Ивица Томовски. Доколку не биде исполнета оваа обврска, ќе следува уште еден рок – до 29 септември, пред почетокот на кампањата за локалните избори.
„Ако некој се обиде да избегне брендирање, при регистрација сепак ќе добие црвени таблици“, изјави Томовски.
Според проценките, во државата има од 7.000 до 7.500 службени возила, иако нема единствен регистар. Новото правило се однесува на сите возила во сопственост на државата – на Владата, општините и јавните претпријатија, со исклучок на дел од возилата на МВР и АНБ.
Иако правилникот не предвидува казни, властите очекуваат мерката да ја зголеми транспарентноста и отчетноста во користењето на државните возила.






