САД постепено го укинуваат програмот за безбедносна помош на европските армии што се наоѓаат на првата линија кон Русија, со образложение дека Европа мора самата да ги сноси поголемите трошоци за својата одбрана.
Според Фајненшл тајмс, Пентагон минатата недела ги известил европските дипломати дека Вашингтон повеќе нема да финансира обука и опремување на армиите во источна Европа преку програмот „Секција 333“, чиј глобален буџет надминува една милијарда евра. Средствата ќе може да се користат само до септември 2026 година.
Најпогодени се балтичките држави – Естонија, Латвија и Литванија – кои меѓу 2018 и 2022 година добиле околу 1,6 милијарди евра, или 29% од вкупната потрошувачка. Европските дипломати велат дека одлуката предизвикала шок и стравувања дека НАТО ќе биде ослабен, бидејќи дел од финансиите се канализирале преку Алијансата.
Американски официјални лица тврдат дека потегот е во согласност со стратегијата на претседателот Доналд Трамп Европа да преземе поголема одговорност за својата безбедност. Под негов притисок, НАТО сојузниците во јуни се согласија да ја зголемат одбранбената потрошувачка на 5% од БДП.
Под закана е и Балтичката безбедносна иницијатива, основана во 2020 година за јакнење на трите балтички армии. Лани Конгресот одобри 228 милиони евра за овој фонд, но Белата куќа годинава не побара ново финансирање.
„За балтичките држави губењето на американската поддршка би било многу тешко“, предупредува пензионираниот адмирал Марк Монтгомери, додавајќи дека регионот е особено ранлив на руски сајбер-напади и саботажи врз критична инфраструктура.






