Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Б.Ф., Ѓ.И. и С.П., сите од Одделението за прекршоци при СВР Скопје, поради сомнение за несовесно работење во службата, согласно член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2023 година, тие примиле записници и прекршочни платни налози за констатирани сообраќајни прекршоци на подрачјето на Скопје, но не постапиле во законскиот рок од две години, со што овозможиле дел од предметите да застарат.
За 143 предмети не изготвиле барања за поведување прекршочна постапка, а за уште 30 предмети, иако биле подготвени барања, истите не биле проследени до надлежните институции. Според МВР, овие дејствија предизвикале материјална штета на буџетот од околу 865.425 до 1.987.215 денари.







