Еколошката организација „О2 Иницијатива“ остро реагираше и упати апел до кандидатите за градоначалници на Град Скопје, Општина Аеродром и Општина Гази Баба, поради нерешената ситуација со дивата депонија Вардариште.
„Вардариште не може да чека! Доста е со молк, одлагања и префрлање на одговорност! Вардариште не е тема за кампања – тоа е закана за нашето здравје и иднината на Скопје. Сакаме решенија, а не задкулисни игри!“, порача организацијата.
„О2 Иницијатива“ бара од кандидатите јавно да се обврзат на санација на депонијата и ревитализација на просторот. Приоритетите што ги истакнуваат се: итна изработка и активирање на проектна документација за Вардариште, запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор додека проектите не се реализираат, како и транспарентно известување за секој чекор со прецизни рокови.
„Јавно и гласно обврзете се дека ќе ја решите оваа еколошка бомба! Ова не е борба за функција – ова е борба за ЖИВОТ и ЗДРАВЈЕ!“, апелираат од „О2 Иницијатива“.






