Во Белград и Нови Сад се појавија билборди со порака „Среќен роденден, претседателе Лукашенко! Србија те сака! Иван Ивановиќ – Нашето конзервативно движење“, пренесува Nova.rs. Ова е нова акција на десничарската организација, која и претходно изразувала поддршка за белорускиот лидер.
Конзервативното движење „Наши“, основано во 2006 година во Аранѓеловац, е познато по радикални акции – од постери против покојниот премиер Зоран Ѓинѓиќ и опозицијата, до јавна поддршка за Милорад Додик и Слободан Милошевиќ. Организацијата лепела и плакати „Косово е Србија“ на редакции на медиуми, кои ги означувала како „петта колона“.
Во првите години на владеењето на СНС, движењето беше критично кон власта, особено по потпишувањето на Бриселскиот договор во 2013 година. Тогаш лидерот Ивановиќ дури го објави телефонскиот број на Александар Вучиќ. Подоцна, пак, ја смени реториката – наместо власта, почна да ја напаѓа опозицијата и студентските блокади, а денес е редовен гостин на провладини медиуми како „Информер“.






